НСА побарала од германската тајна служба да ја шпионира компанијата Сименс?

Американската НСА побарала од германските тајни служби да ја шпионираат компанијата Сименс од Минхен, со образложение дека компанијата има матни зделки со Руското разузнаваштво, пишува Раша тудеј, повикувајќи се на германскиот весник Билд ам Зонтаг.

Компанијата Сименс демантира дека има било каква поврзаност со Русија.

Германскиот весник се повикува на информации од непознат извор од НСА, како и на скандалот со прислушувањето кој предизвика огромен раздор и намалување на довербата помеѓу САД и Германија.

Според весникот, НСА побарала германската агенција за разузнавање БНД, да ги шпионира авропската компанија за одбрана Ербас и Сименс. За втората компанија САД образложиле дека постои сомнение дека компанијата воспоставила партнерство со руското разузнаваштво. НСА наводно се сомневала дека Сименс доставувал технологија за комуникација до руската Агенција за Посебни комуникации и информации.

Сименс досега во два наврати демантираше дека има било каков партнерски однос со руските разузнавачи.

Засега е непознато дали германската служба одговорила на барањето на НСА.

Инаку односите помеѓу разузнавачките служби на САД и Германија беа влошени во 2013 откако Едвард Сноуден објави дека САД шпионирала повеќе претставници на државниот врв во Германија, меѓу кои и канцеларката Ангела Меркел.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.