НУБ „Св. Климент Охридски” : Протестот на Синдикатот е неоснован

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Скопје, во врска со денешниот протест на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) организиран под мотото „Културата не ви ја трпи тортурата”, кој не е репрезентативен синдикат за културата ниту на државно ниво, ниту на ниво на библиотеката, соопштува дека го смета овој протест за неоснован заради тоа што не соодветствува со реалните состојби на континуирани инвестиции и поддршка во сите сфери на културата.

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Скопје, истакнува дека во изминатата декада постојано добива поддршка од Министерството за култура на голем број проекти од сите области (библиотечна дејност, меѓународна соработка, издавачка дејност итн.), библиотечниот фонд континуирано се збогатува со голем број публикации, се врши експедиција на македонски книги и списанија во странски библиотеки, секоја година се зголемува бројот на изработени ЦИП-записи што е јасен показател за зголемената издавачка продукција во Република Македонија, корисниците на библиотеката постојано ги имаат на располагање странските бази на податоци со над 40.000 референтни научни списанија, се врши промоција на културното наследство, особено преку едукација на младата популација за традиционални занаети и вештини во рамките на проектот „Млад Светиклиментов универзитет”, оформена е специјализирана Универзитетска читалница опремена со книги од капиталниот проект за превод на 1000 стручни и научни книги и од други капитални издавачки проекти, изработена е современа Дигитална библиотека на Македонија, дигитализирани се голем број ракописи, стари и ретки книги и списанија прогласени за културно наследство, отворен е Центар за слепи и слабовидни лица, а во НУБ „Св. Климент Охридски”, како врвна институција од библиотекарството и матична библиотека континуирано се врши едукација на библиотечниот кадар од целата држава. Реализирани се многу културни манифестации, активности за промоција на македонското културно наследство во странство, како и книжевни средби и манифестации за привлекување на читатели. Во минатите години се реализирани неколку капитални издавачки проекти кои придонесуваат за афирмација на македонската книжевност во странство и за доближување на врвните дела од светската книжевност до македонските читатели. Со поддршка на Министерството за култура, НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје доби нови 3.000 м2 простор во кој се сместени просториите за дигитализација и автоматизација на библиотечните процеси, како и неколку специјални збирки и магацински простор, инвестирани се над 10 милиони денари во нова опрема за дигитализација, компјутерска опрема и опрема за националниот библиотечно-информациски систем, а во тек е реновирање на водоводната, канализационата и хидрантската мрежа и санитарните јазли, со што значително ќе се подобрат хигиенските услови. Исто така, во фаза на изработка се проекти за целосно реновирање на библиотеката (темелна реконструкција на покривот и реновирање на внатрешноста) што се планира да се реализира во 2017 година.

Сите овие факти недвосмислено сведочат дека постојано се инвестира во сите сфери на културата и од тие причини Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Скопје дава поддршка на напорите на Министерството за култура за унапредување и развој на културата, велат од НУБ „Св. Климент Охридски”.