Нуланд: Целосно да се спроведе Договорот од Пржино и да се постигне договор за избори

Целосно да се спроведе Договорот од Пржино и што поскоро да се постигне договор за одржување избори со цел излегување од политичката криза во која се наоѓа Македонија.

Ова е пораката што денеска ја упати помошникот-државен секретар на САД за Европа и Евроазија Викторија Нуланд на прес-конференција во Американската амбасада во Скопје по средбите со политичките партии и невладиниот сектор.

Очигледно е дека е постигнат одреден прогрес во имплементацијата на Пржинскиот договор, но сега е моментот да се заврши работата и Македонија да се постави на курсот за слободни и фер избори, рече Нуланд.

Таа посочи дека политичките партии веќе разговарале за тоа како да се дојде до избори и пред нејзиното доаѓање, а по денешните средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ, на ДУИ и на ДПА, како што наведе, заминува од Скопје охрабрена.

Морам да кажам дека го напуштам Скопје охрабрена од она што го слушнав. Се надевам дека преговарачките тимови во следните неколку денови ќе се обединат околу некои идеи кои сега се на маса со што ќе се фати курсот кон одржување избори. За ова ќе биде потребна политичка волја од сите страни и почувствував дека таа волја постои по средбите што ги имав денеска, рече Нуланд.

Таа додаде дека амбасадорот Бејли и неговиот тим ќе продолжат со напорната работа заедно со Европската унија со цел политичките партии во земјата да дојдат до решение што е можно поскоро.

Втора цел на нејзината денешна посета во Македонија била да се даде поддршка на јакнењето на правдата и владеењето на правото.

Американскиот дипломат подвлече дека денеска имала средби и со претставници на невладиниот сектор и новинари со цел да ги охрабри во работата што ја работат. Изутрината се сретнала и со специјалниот јавен обвинител Катица Јанева и нејзиниот тим и притоа нагласи дека нејзината работа е од витално значење за обезбедување вистинско владеење на правото, одговорност и чист правен систем во земјава.

Тоа е нешто што е апсолутно неопходно за Македонија да ги постигне своите евроатлантски цели, да ја постигне својата цел да стане членка на ЕУ и НАТО за што ја има долгорочната поддршка од САД, рече Викторија Нуланд.

Видео: ТВ НОВА