NYT: Синот на Трамп имал намера да добие компромитирачки материјали за Клинтон од адвокат од Русија

Доналд Трамп помладот ,/ © AP Photo / Carolyn Kaster

Постариот син на американскиот претседател Доналд Трамп, Доналд Џуниор помладиот, се сретнал во 2016 година со руската адвокатка Наталија Веселницкаја која тврдела дека поседува компромитирачки материјали за тогашната демократска противкандидатка на неговиот татко Хилари Клинтон, пишува весникот The New York Times.

Весникот пишува дека наводно и шефот на кампањата на Доналд Трамп, Пол Манафорт и зетот Џаред Кушнер биле на тој состанок. Притоа NYT ја цитира изјавата на Доналд Трамп помладиот во којашто тој признава дека се сретнал со руската адвокатка Наталија Веселницкаја, за којашто весникот тврди дека е наводно блиска на Кремљ.

„По воведните пригодни поздрави, таа изјави дека поседува информации дека поединци поврзани со Русија го финансирале Демократскиот национален комитет (на Демократската партија) и ја поддржале госпоѓа Клинтон“, изјавил Доналд Трамп помладиот за весникот.

„Нејзините тврдења беа нејасни и немаа никава смисла, ниту беа поткрепени со поединости и пропратни информации, па набрзо стана јасно дека информациите кои ги изнесува не се разумни“, изјавил Трамп помладиот.

Претходно во неделата NYT објави текст во кој се наведува дека тимот на претседателот Доналд Трамп, со Веселницкаја се сретнал на 9 јуни 2016 година, откако Трамп беше номиниран за кандидат на Републиканската партија. Трамп помладиот наводно потврдил дека состанокот е одражан, и оти на него присуствувале и Манафорт и Кушнер. Кажал дека главно се разговрало за посвојувањето на руските деца во САД, што инаку во минатото беше масовна појава, но по серија скандали и смртни случаи на деца предизвика реакција од Москва.

Според Трамп помладиот, целта на разговорот со руската адвокатка токму и било посвојувањето на децата, додека присуството на копромитирачки материјали наводно бил само „изговор за состанокот“ од страна на адвокатката.

Трамп помладиот и претходно ја потврди средбата со адвокатката, но не споменуваше никакви компромитирачки материјали, коишто наводно му биле ветени. Според него, средбата „не била дел од предизборната кампања, и на неа немало никакви предлози“. Во разговорот за NYT тој рекол дека на средбата бил поканет преку негов пријател, и тој не го знаел името на лицето со кое требало да се состане.

Од своја страна, пак, портпаролите на адвокатскиот тим на американскиот претседател Доналд Трамп изјавија дека тој не бил запознаен за средбата на неговиот син и не го советувал.

Адвокатката Веселницкаја изјавила дека не разговарале за предизборната кампања на средбата со Трамп помладиот и „никогаше не се претставувала како претставник на руската влада“, пишува The New York Times.

Познато е дека Веселницкаја ги застапува интересите на Денис Кацив, за чијашто компанија властите во САД спроведувале истрага, и кој исто така се противи на ткн „листата на Магнитски“.

Суспендирана по воведувањето на овој список програмата за посвојување на руски деца од американски државјани често била разговарана на средбите меѓу руските и американските функционери, пишува NYT.

Наводите за наводната поврзаност на кампањата на Трамп со Русија ги засенија во првите пет месеци од неговото претседателствување, одвраќајќи го внимането на јавноста од обидите на републиканците во Конгресот да го ревидираат американските здравствени и даночни системи.

Доналд Трамп повеќепати негираше каква и да е соработка со Руси, како и дека Москва му помогнала со хакирањето на серверите на Демократската партија. Кремљ, исто така, ги отфрли тврдењата на дел од американските разузнавачки функционери за наводно мешање на владата во Москва во американските претседателски избори, барајќи докази за таквите заклучоци нарекувајќи ги „русофобна хистерија“ и резултат на „состојбите на домашната политичка сцена“ во САД.

Што се однесува до таканаречената „Листа Магнитски“, таа датира од 2012 година кога САД составија листа на руски функционери на кои им е забранет влезот и им се замрзнуваат средства осомничени за вмешаност во случајот Магнитски, на што Русија одговори со иста листа за 18 американски државјани осомничени за кршење човекови права.

Сергеј Магнитски беше адвокат кој ги истражуваше случаите на наводна корупција во руските државни компании. Магнитски почина во притвор во Москва во текот на истрагата поради сомневањата дека му помогнал на британскиот инвестициски фонд „Hermitage Capital Management” кој го раководеше Вилијам Броудер да избегне плаќање данок. Броудер беше протеран од Русија како државен непријател.

Од 1 јануари 2013 година, пак, во Русија е воведен ткн „Закон Дима Јаковлев“, кој забранува посвојување на руски деца од страна на државјани на САД додесен по неколкуте големи скандали со злоставување на руски деца од американските посвоители кои останаа неказнети. Законот го доби името по двогодишното момченце од Русија, Дима Јаковлев, кое почина во 2008 година во САД откако неговиот потатко го оставил цел ден во автомобил изложен на силно сонце.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.