Обама: Борбата против тероризмот не е религиска војна

Американскиот претседател Барак Обама уште еднаш одби да ја означи борбата против тероризмот како војна со радикалниот ислам или кој било друг вид религиска војна, истакнувајќи дека таквото етикетирање би ги уништило напорите да се искоренат радикалните идеологии во муслиманските заедници, објави МИА.

 Обама во интервју за Си-Ен-Ен, предупреди на ризикот од преувеличување на опасноста која ја претставуваат терористичките групи и рече дека САД, наместо тоа, треба да се усогласат со мнозинството муслимани, кои ја отфрлуваат радикалната идеологија и тактика на терористичките групи како што се Исламска држава и Ал каеда.
– Не би си играл со етикетирање. Мислам дека сите знаеме оти тоа е посебен проблем кој има корени во муслиманските заедници. Но, сметам дека себе си правиме контра-услуга во таа борба, ако не го земеме предвид фактот дека голем дел од муслиманите ја отфрлуваат таа идеологија – рече Обама.
Тој истакна дека иако е свесен од „ужасната цена на тероризмот“, терористичките групи не се „егзистенцијална закана за САД или за светскиот поредок“.
– Вистина е дека тие можат да нанесат штета. Но, ние имаме капацитет да одговориме на начини кои нема да ја поткопаат суштината на тоа што сме. Тоа значи дека нема да спроведуваме тортура, на пример, и така да ја поткопаме својата вредност и кредибилитет ширум светот – нагласи претседателот на САД.