Обама: Христијаните и другите религиозни малцинства на Блискиот Исток треба да се заштитат

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека е важно да бидат заштитени христијаните и останатите религиозни малцинства на Блискиот Исток, во време кога САД и нивните партнери прават напори за справување со групата Исламска Држава во Ирак и Сирија.

Изјавата на Обама уследи по средбата со христијански лидери од Блискиот Исток, на која присуствуваше и неговата советничка за национална безбедност Сузан Рајс.

Белата куќа соопшти дека на средбата било разговарано за „предизвиците на христијаните поради зајакнувањето на екстремизмот на Блискиот Исток“.

Обама нагласи дека САД ќе работат со либанските вооружени сили и останатите регионалани партнери во борба против Исламската држава и за враќање на стабилноста.

Илјадници христијани во Сирија беа принудени да ги напуштат своите домови од почетокот на тригодишната граѓанска војна во земјата, а илјадници други во Ирак се принудно раселени под притисок на исламистите.