Обама и Камерон ќе формираат војска која ќе се бори против џихадистите

Претседателот на Соединетите Американски Држави и британскиот премиер собираат сили што ќе ѝ се спротивстават на терористичката организација Исламска држава. Во Велс вчера заврши самитот на НАТО, кој на Барак Обама и Дејвид Камерон им послужи за формирање коалиција што ќе се бори против џихадистите. На собирот Џон Кери, американскиот државен секретар, се состанал со министрите за одбрана и за дипломатија на Велика Британија, Германија, Франција и други земји на неопходноста од донесувањето стратегија за начинот на придонесот на секоја земја поединечно.

„Треба да ги нападнеме на начин што ќе ги спречи да окупираат територии, да ги зајакнеме ирачките безбедносни сили и другите сили во регионот што се спремни да им се спротивстават, без обврски да испраќаме свои војници“, изјавил Кери.

Главен актер во акцијата против исламистите, освен Вашингтон, ќе биде и Лондон, бидејќи џелатот на Џејмс Фоли и Стивен Сотлоф, американски новинари што беа обезглавени некаде во пустина во Сирија, е британски муслиман познат како „Џихади Џон“.

Тој во меѓувреме наводно му ја отсекол главата и на Дејвид Хејнс, британски хуманитарец чија сопруга е Хрватка, а видеото со тоа злосторство сè уште не е објавено.

Премиерот Камерон предложил пакет закони што на полицијата ќе ѝ дадат право да им ги одзема пасошите на Британците осомничени дека се борат на страната на муслиманските екстремисти.