Обама и Оланд разговараа за нападите во Париз и за состојбата во Нигерија

Американскиот претседател Барак Обама телефонски разговараше со претседателот на Франција Франсоа Оланд, за истрагата за неодамнешните терористички напади во Париз и поддршката на мирни избори во Нигерија, соопшти Белата куќа, пренесе МИА.

– Претседателот Обама ја потврди подготвеноста да обезбеди секаков вид помош потребна на француската Влада, се наведува во соопштението на Белата куќа во врска со истрагата за нападот врз „Шарли ебдо“ во кој на 7 јануари се убиени 12 луѓе, додека четворица се убиени во нападите на исламистичките екстремисти во наредните денови.

Белата куќа додава дека двајцата претседатели разговарале и за ситуацијата во Нигерија и се согласиле да соработуваат со други членови на меѓународната заедница, за да обезбедат во Нигерија да бидат одржани мирни и фер избори, како и да ја поддржат регионалната стратегија во борбата против екстремистичката група Боко харам.