Свет

Обама: Имиграцискиот систем на САД е руиниран

Обама: Имиграцискиот систем на САД е руиниран

Мерки за подобрување на руинираниот имиграциски систем на САД објави американскиот претседател Барак Обама, кој воедно ги повика републиканците во Конгресот да ги одобрат пошироките реформи за решавање на проблемите со милионите имигранти, кои незаконски живеат во земјата.

– Нашиот имиграциски систем денеска е руиниран и тоа сите го знаат, рече Обама во обраќање, во кое ги претстави правилата, кои ќе им овозможат на милиони лица кои се без документи, а кои исполнуваат соодветни критериуми да бидат ослободени од депортација.

– Вие можете да излезете од сенка и да ги средите работите со законите, рече Обама.

Претседателот објави одлука, со која им се овозможува на околу пет милиони имигранти од околу 11,4 милиони, кои незаконски престојуваат во САД привремено да ги избегнат заканите од депортирање.  Од оваа мерка најголема корист ќе имаат родителите, кои незаконски престојуваат во САД над пет години, но имаат деца, кои се американски граѓани или постојани жители.

Приоритет за САД, додаде Обама е депортирање на лица, осомничени за тероризам, криминал и членови на криминални групи.

Во обраќањето Обама ги отфрли критиките на републиканците, дека неговата одлука го заобиколува Конгресот и оти издава наредба еднаква на амнестија за незаконските имигранти и ги повика целосно да ги одобрат реформите на имиграциското законодавство.