Обама ја продолжи воената мисија во Авганистан за уште една година

Американскиот претседател Барак Обама потпиша тајна наредба со која се дозволува проширување на американската воена мисија во Авганистан идната година, објави денеска „Њујорк тајмс“, објави МИА.

Со одлуката се обезбедува директна улога за американските војници во судирите во Авганистан најмалку уште една година, истакнува весникот, додавајќи дека Обама одлуката ја донел на состанокот со советниците за национална безбедност пред неколку недели.

Обама во мај изјави дека американската војска во 2015 година нема да учествува во борбите во Авганистан и дека 9.8000 војници само ќе ги обучуваат авганистанските сили и ќе ги фаќаат „остатоците од Ал Каеда“.

Со новата наредба американската војска ќе спроведува мисии против талибанците и другите екстремистички групи кои претставуваат закана за американската војска или авганистанската Влада. Исто така, американското воено воздухопловство ќе може да им помага на авганистанските сили во борбените мисии, а американските војници ќе можат привремено да се вклучат во авганистанските операции против талибанците.

„Њујорк тајмс“ не наведува дали со новата одлука ќе се смени и бројот на американски војници во Авганистан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.