Обама ќе се појави во јавноста првпат по заминувањето од Белата куќа

( AFP PHOTO / JIM WATSON/AFP/Getty Images)

Доскорешниот американски претседател Барак Обама, којшто досега не се појавуваше во јавноста откако на 20 јануари годинава си замина од Белата куќа по двата мандата, во понеделник првпат јавно ќе настапи во својата изборна единица во Чикаго.

На универзитетот во Чикаго, 44-от американски претседател ќе учествува во дебатата со студентите и со младите претставници на граѓанското општество за граѓанскиот активизам, соопштија неговите соработници.

Во овој град, од каде што Барак Обама го започна своето вртоглаво напредување во американската политика и стана првиот црн претседател на САД, го одржа и својот проштален говор неколку дена пред да се исели од Белата куќа.

Агенцијата AFP потсетува дека тогаш, видно трогнат и бришејќи ги солзите со „избрани зборови“ говореше за сопругата Мишел, и упати повик до јавноста барајќи од Американците „да бидат учесници во демократскиот процес“.

Демократијата може да ослаби само доколку отстапиме пред стравот. Нашата демократија е загрозена секогаш кога нештата ги земаме само туку-така“, порача тогаш Обама.