Обама ќе побара од Конгресот да ја одобри војната против Исламска држава

Американскиот претседател Барак Обама ќе побара од Конгресот формално да ја одобри војната против екстремистичката група Исламска држава (ИД), под образложение дека оваа група, доколку не биде запрена, може да претставува закана за САД, објави МИА.

Американскиот претседател денеска до Конгресот ќе ја испрати предлог резолуцијата, составена на три страници, со која се одобрува употребата на воена сила, пренесоа американските медиуми.

Во писмото до конгресмените, приложено со неговото барање, Обама ги повикува „да му покажаме на светот дека сме единствени во нашата решеност да и се спротставиме на заканата“.

Американските медиуми наведуваат дека за резолуцијата и писмото претседателот планира денеска попладне да се обрати од Белата куќа.

Одобрението временски треба да биде ограничено на три години, без ограничувања во поглед на местата каде американските сили можат да се спротстават на заканата.

Со предлогот на Обама се забрануваат „продолжени офанзивни борбени операции“, двосмислен термин формулиран како компромис меѓу пратениците кои го поддржуваат испраќањето копнена војска и оние кои се противат на тоа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.