Обама: Кризата во Америка помина

Вечерва вртиме нова страница. Сенката на кризата помина и состојбата на нацијата е силна, изјави американскиот претседател Барак Обама во своето  шесто обраќање во Конгрес и прво откако Сенатот и Претставничкиот дом се под контрола на републиканците. Побара единство во Конгресот и поддршка за политиката кон терористите, објави МИА.

Обама го искористи обраќањето и да ја образложи неговата економска стратегија, вклучувајќи го и зголемувањето на даноците за најбогатите Aмериканци за да им се помогне на посиромашните.
– Ќе прифатиме ли економија во која само на неколкумина од нас им оди спектакуларно добро или ќе се посветиме на економија која генерира повисоки примања и шанса за секој кој се труди – праша  Обама.
​Во однос на надворешната политика, повика на помудро американско лидерство –  комбинација на воена сила и силна дипломатија.
Обама најави и неуморна борба против терористите  и побара  Конгресот да ги усвои новите воени овластувања во справувањето со милитантите на Исламската држава.
Во однос на санкциите кон Русија по анексијата на Крим и случувањата во Украина, Обама исрази задоволство што руската економија ослабнала под дејство на санкциите.
– Америка е таа која стои цврсто и обединето со нашите сојузници, додека Русија е изолирана со економија која се тетерави. Тоа е начинот на кој води Америка. Не со фалење, туку со упорна и стабилна решителност – рече Обама.
Обама  побара од Конгресот да го прекине повеќе децениското ембарго врз Куба.