Обама: Одбивањето на Сенатот на моето вето е опасен преседан

Американскиот претседател Барак Обама синоќа го нарече грешка и опасен преседан гласањето во американскиот Сенат, со кое беше одбиено неговото вето врз законот што на роднините на жртвите од терористичките напади во Америка, од 11 септември 2001 година им дозволува да ја тужат Владата на Саудиаска Арабија.

-Тоа е опасен преседан, рече Обама во интервју за Си-Ен-Ен.

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска го отфрли ветото на Обама на овој закон. Резултатот од гласањето беше убедлив, при што 348 членови на Конгресот беа за отфрлање на ветото, а 76 против, пренесуваат британските медиуми.

Сенатот непосредно пред тоа ја донесе истата, речиси едногласна, одлука за отфрлање на ветото на Обама.

Белата куќа ја  осуди оваа одлука на американскиот Сенат.

-Ова е најголемиот срам што Сенатот на САД го сторил  веројатно уште од 1983 година, рече пред новинарите портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, потсетувајќи на последниот случај кога Сенатот, со големо мнозинство гласови, го отфрли претседателското вето.

Саудиска Арабија и нејзините сојузници ги предупредуваат американските законодавци дека дозволувањето американски државјани да го тужат саудиското кралство заради нападите од 2001 година ќе има негативни последици, пренесуваат американските медиуми.

Светските агенции наведуваат дека Саудиска Арабија има арсенал орудија со кои може да возврати на американските мерки, вклучувајќи го и намалувањето на официјалните контакти, повлекување на милијарди долари од американската економија и убедување на блиските сојузници на Саудијците во Советот за соработка во Персискиот залив (ГЦЦ) да ја намалат соработката во борбата против тероризмот, инвестициите и пристапот на САД до важните регионални воздушни бази.

-Ова треба да им биде јасно на Америка и на остатокот од светот: Кога една држава членка на ГЦЦ неправедно се зема за цел, другите застануваат зад неа. Сите држави ќе застанат крај Саудиска Арабија на секој можен начин, тврди професорот по политички науки на универзитетот на Обединетите Арапски Емирати и стручњак за заливските прашања, Абдулкалек Абдулах.