Обама: Ова е година на враќање на работните места

Американскиот претседател, Барак Обама, во синоќешниот говор за состoјбата на нацијата, обраќајќи се пред членовите на двата дома од Когресот и десетина милиони Американци, истакна дека оваа година ќе биде година на акција во која главната цел е враќање на работните места во САД и повторно зајакнување на средната класа.

Обама ја повикал нацијата на единство, повеќе пати во говорот ја споменувал војската на САД која ја штити земјата, што предизвика овации од конгресмените и сенаторите.

Говорејќи за економската ситуација, што била главна тема на редовниот годишен говор за состојбата на нацијата, Обама истакна дека во последните пет години се отворени осум милиони работни места и дека невработеноста изнесува 6,7 отсто, што е за 1,2 отсто помалку во однос на 2012-та година.

Тој во говорот се заложил за изедначување на платите меѓу мажите и жените, бидејќи статистиката покажува дека жените во САД заработуваат 77 центи, наспроти еден долар колку што заработуваат мажите.