Обама повика на трпение при решавање на проблемите со расизмот

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека ќе биде потребно време и внимание за решавање на проблемите вкоренети во американското општество, како што се расизмот и предрасудите, соопшти МИА.

Тој повика на трпение при решавање на овие прашања, оценувајќи дека напредок обично се постигнува со мали чекори.

Обама во интервју за телевизискиот канал БЕТ зборувал и за својот разговор со група млади активисти за права на граѓаните, вклучувајќи ги и лидерите на протестите во Фергусон, кои минатата недела ги прими во Белата куќа.

Расните тензии се дополнително зголемени откако не е покренато обвинение против белиот полицаец, кој во Фергусон уби невооружен Афроамериканец.

Обама истакна дека на активистите им порачал оти станува збор за нешто што е длабоко вкоренето во американското општество и историја.

– Америка направи некои чекори, што дава надеж дека ќе биде постигнат дополнителен напредок. Не може да се спореди она што се случува денес, со она што се случувало пред 50 години. Ако за тоа разговарате со своите родители, баби и дедовци, тие ќе ви речат дека работите се сега подобри. Не се добри, но се подобри, нагласи претседателот на САД.