Обама: Русија повторно го наруши суверенитетот на Украина

Властите во Украина и бројни западни држави ја обвинија Русија дека нејзините трупи активно учествуваат во судирите на истокот на земјата. Обама и Меркел велат дека акциите на Русија нема да минат без последици.

Американскиот претседател Барак Обама ја предводеше осудата на ескалацијата на кризата во Украина, оценувајќи дека „целиот свет може да види“ дека руските трупи се борат во Украина, и покрај демантите од Москва. По синоќешниот телефонски разговор, Обама и германската канцеларка Ангела Меркел ја предупредија Русија дека нејзините акции нема да минат без последици, а веќе се најавуваат и нови санкции од САД и ЕУ.

„Русија намерно и одново го наруши суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, а новите снимки од руските трупи во Украина тоа го прават видливо за целиот свет“, рече Обама.

НАТО претходно соопшти дека повеќе од 1.000 руски војници дејствуваат во Украина.

„Наша проценка е дека над 1.000 руски војници сега дејствуваат во Украина. Тие ги поддржуваат сепаратистите и се борат заедно со нив“, изјави неименуван претставник на НАТО. Американската мисија при НАТО во Брисел постави на интернет снимки од цивилен сателит, за кои тврди дека покажуваат дека руски воени единици се наоѓаат на територијата на Украина.

Киев ја обвини Русија дека извршила агресија на неговата територија, а украинскиот претседател Петро Порошенко оцени дека состојбата е многу тешка „но под контрола и без потреба од паника“. Украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана соопшти дека руски војници и проруски сепаратисти ја преземале контролата врз Новоазовск, стратешки град на патот кој води од Русија кон полуостровот Крим.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.