Обама: САД ќе ги проверува информациите за употребата на хлорни бомби во Сирија

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека доколку се потврдат информациите за напади со хлор во Сирија, изведувани од режимот на Башар ал-Асад, САД и меѓународната заедница ќе дејствуваат тоа веднаш да престане, пренесува МИА, повикувајќи се на БТА.

На прес-конференцијата по американско-арапската средба на највисоко ниво во Кемп Дејвид, Обама рече дека е запознат со тврдењата за користење на хлор во бомбите, кои поради тоа имаат ефект на хемиско оружје.

– Работиме со меѓународната заедница и ги проверуваме овие информации, додаде тој.

Хлорот сам по себе може и да не се води како хемиско оружје, но неговото користење во вакви напади треба да биде забрането, рече Обама.

Тој додаде дека доколку се  потврди  користењето на хлор од страна на сирискиот режим, САД ќе дејствуваат заедно со меѓународната заедница и Организацијата за забрана на хемиските оружја, која следи дали се почитува спогодбата за уништување на сирискиот хемиски арсенал, а освен тоа ќе делуваат врз Асад и преку неговиот покровител, Русија.