Обама со возбуда ја следи Олимпијадата во Сочи

Американскиот претседател Барак Обама со „радост и возбуда“ го следи текот на зимските Олимписки игри во Сочи. Тоа го изјави прес секретарот на Белата куќа, Џеј Карни, цитиран од „ИТАР-ТАСС“.

Карни не прецизира дали Обама ја гледал церемонијата на отворањето на олимпијадата, ниту пак успеа да посочи кои натпреварувања Обама ги следи со најголем интерес.

Американскиот претседател е познат по својата љубов кон спортот.

Светот и љубителите на спортот со нетпрение го очекуваа отворањето на најскапите Зимски олимписки игри на кои домаќин е Русија.

Олимпијадата свечено, во присуство на 44 светски лидери во петокот на седми февруари, во 17 часот ја отвори рускиот претседател Владимир Путин, а игрите ќе траат до 23 овој месец.

Но, Олимпијадата во Сочи не ги руши рекордите само во буџетот, кој брои 50 милијарди долари. Ова се најобезбедуваните игри со повеќе од 40 илјади полицајци и војници, како и рекорд во бројот на држави кои учествуваат, над 6.000 спортисти од 88 држави, кои ќе ги одмерат силите во 15 различни спортови.