Обама стави вето за изградба на нафтоводот „Кистоун Екс-Ел“

Американскиот претседател Барак Обама стави вето на законот со кој се одобруваше изградба на нафтоводот „Кистоун Екс-Ел“, преку кој би требало да се пренесува нафта од Канада во САД.

Предлог-законот за изградба на нафтоводот во Конгресот го доставија републиканците по долга расправа, но сега  со одлуката на Обама неговата реализација е доведена во прашање, пренесе МИА.

Лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконел најави дека републикаците сепак ќе се обидат да го оспорат ветото најдоцна до 3 март.

Одлуката за ставање вето на законот, Обама ја донесе само неколку часа откако законскиот текст, што беше усвоен од Конгресот, беше доставен на потпис до Белата куќа, пренесе МИА.

– Со овој закон Конгресот се обидува да го заобиколки долготрајниот и докажан процес за утврдување дали изградбата на прекуграничниот нафтовод е во национален интерес или не, наведе Обама во образложението на одлуката за вето.

Според реубликанците, кои имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, изградбата на нафтоводот ќе овозможи отворање на нови работни места, што би придонело за намалување на невработеноста.