Обама: Светот е подобро место за живеење благодарение на САД

Авганистан има шанса да се обнови, светот е попросперитетен, а американската територија е подобро заштитена благодарение на одличната работа и саможртви на американските војници и нивните семејства, изјави американскиот претседател Барак Обама, цитиран од американските медиуми.

Обама на Божик се сретна со војниците од маринската база на Хаваи. Ова е традиција која Обама ја одржува секоја година за време на својот семеен божикен одмор на островот.

– САД повеќе од 13 години водеа војна во Авганистан. Оваа година е важна затоа веќе следната недела завршува американската борбена мисија во Авганистан. САД сега се побезбедни, а од Авганистан никогаш веќе нема да се извршуваат терористички напади, изјави Обама на средбата со војниците.

– Пред американската армија остануваат предизвиците во жариштата како Ирак и западна Африка, но светот во целина е подобро и побезбедно место, благодарение на армијата на САД. Американците и нивниот претседател не можат да бидат поблагодарни, подвлече претседателот Обама.

Во последните 13 години во Авганистан беа убиени околу 2.200 американски војници, а војната САД ги чинеше еден билион долари. Уште 100 милијарди беа потрошени за обновата на земјата. Во авганистанската армија во 2014 година имаше околу 5.000 жртви, а меѓу мирното население уште околу 10.000.

Извор: МИА