Обама: Во САД може да има уште случаи на ебола

На територијата на САД може да се појават уште случаи на ебола, се додека не биде уништено жариштето во западна Африка, предупреди американскиот претседател Барак Обама.

– Важно е САД и меѓународната заедница да го спречат ширењето на ебола од жариштето во Африка, рече Обама од Белата куќа.

Тој истакна дека дотогаш во САД може да продолжат да се појавуваат поединечни случаи на заболени. – Не можеме херметички да се затвориме, посочи Обама.

Претседателот на САД изјави дека американскиот здравствен систем се покажал како способен за да се справи со случаите на заболени Американци.

– Лекарите и сестрите, кои се борат со еболата во западна Африка се американски херои, на кои треба да им се укаже потребната почит, рече Обама.

Тој истакна дека тие не треба да бидат обесхрабрени со ограничувачки мерки, со кои ќе бидат изолирани по враќањето.

Во меѓувреме властите на Калифорнија воведоа 21-дневен карантин за лицата кои пристигнуваат од западна Африка, доколку имале конткат со заболени од ебола. Оваа мерка веќе е воведена во сојузните држави Њу Џерси, Њујорк и Илиноис.

Од ебола досега починаа над пет илјади лица во западна Африка.