Обдукцијата ја утврди причината за смртта на фудбалерот на Динамо

По извршената обдукција утврдено е дека фудбалерот на Динамо Букурешт, Камерунецот Патрик Екенг (26) кој почина за време на натпревар, имал зголемено срце.

Ова го потврдил и доктор од Камерун кој на барање на семејството присуствувал на обдукцијата.

-Го забележав зголеменото срце, а за спортистите таа хипертрофија значи предиспозиција за неправилен ритам и срцев удар, истакнал докторот Абдо Салем додавајќи дека се уште се чекаат лабораториските наоди.

По само 7 минути поминати на теренот, фудбалерот падна во центарот на игралиштето без свест. Помош му беше укажана веднаш на теренот, по што беше пренесен итно во болница каде лекарите 17 минути се бореле за неговиот живот, но на крај само можеле да констатираат смрт.