Обесштетени ќе бидат сточарите чиј добиток заболе од „син јазик“

Сите фармери чија стока минатата година заболе од „син јазик“ ќе бидат обесштетени, најави денеска во Велес директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски.

Агенцијата ќе излезе и со препораки како да се постапува доколку повторно се појави оваа болест, додаде Поповски на прес-конференција, пренесува МИА.

Во рамки на Отворениот ден, директорот информираше и за вакцинирањето против „свинска чума“. Се сретна и разговараше со сточарите, операторите со храна, претстваниците на рестораните, градинките, училиштата и болницата. Притоа, како што нагласи, најголем беше интересот за безбедноста на храната и означувањето кое од јуни годинава треба да биде согласно најновите европски барања.

– Дадовме препораки како да постапува при дистрибуцијата на храната особено во градинките за безбедноста да биде на највисоко ниво. Голем број прашања се однесуваа и на означувањето на храната како актуелна тема во моментов, рече Поповски.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со болеста туларимија за која има индикации дека е присутна во Општина Лозово, Поповски напомена дека храната континуирано се контролира.

– Треба да се води посебна контрола кај домаќинствата каде има можност за појава на глодарите, треба да се изврши и темелно чистење на целиот прибор за исхрана за да не дојде до пренесување на болеста, потенцира директорот на АХВ Поповски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.