Обезбедени 150 милиони евра за следната година, продолжува поддршката за земјоделците

На денешната прес конференција на ВМРО- ДПМНЕ беа изнесени информации за досегашниот степен на реализација на проектите и активностите во областа на финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во првите 100 дена од работата на Владата на Република Македонија.

Во продолжение e интегралниот текст од прес-конференцијата на Тони Димовски.

Во однос на директните плаќања, воведовме календар за субвенции. Имено, развојот на земјоделството и руралните средини се еден од основните приоритети на Владата на Република Македонија. Продолжуваме со исплата на субвенции по грло, по површина, килограм или литар производ кои се сигурна поткрепа  на приходот на земјоделците. Распределбата на субвенциите се извршува по претходно утврден финансиски план во Националната програма за развој на земјоделството и руралниот развој за период од 2013 до 2017 година (За 2014 година обезбедени над 140 милиони евра, а од 2015 до 2017 година по 150 милиони евра годишно). Согласно со закон исплатата на субвенциите се извршува во годината кога е поднесено барањето и продолжува следната година.

Од 2014 година за прв пат динамиката на исплатата е утврдена во „Календарот за субвенции“ кој е усогласен со потребите на земјоделците  за финансирање на земјоделските активности според карактеристиките на производството.

Исплатата на субвенциите за тутун започна веднаш после откупот и за оваа намена до сега се исплатени над 1,6 милијарди денари за произведен и продаден тутун од реколта од 2013 година.

Наскоро ќе започне исплатата за површини со поледелски култури и се совпаѓа со времето на извршување на есенската сеидба.

Потоа ќе следи исплатата за одржување на површини со лозови и овошни насади со цел земјоделците да обезбедат средства за резидба и за заштита на насадите, а во март следи исплатата во градинарството. Сточарите ќе ги добијат субвенциите пред жетвата на житните култури за набавка на храна по поевтина цена.

Исплатата на субвенциите се извршува по проверка на исполнетост на условите за одобрување на финансиска поддршка, со еднаков пристап кон сите земјоделци од Република Македонија и секако согласно важечките законски одреби, во рамки на расположивиот буџет. Воедно, потсетуваме дека помеѓу законските одредби кои се применија во текот на 2014 година спаѓа и примената на Изборниот законик кој создаде дисконтинуитет во исплатата на субвенциите во изборниот период во насока на воздружување од исплати вклучително и на субвенциите како буџетски расходи. Обврските кон земјоделците продолжија интензивно да се подмируваат по конституирањето на инстуциите Претседател на Република Македонија, Собрание и Влада на Република Македонија. Владата на Република Македонија останува доследна во своите одредби за исплата на субвенциите за сите земјоделци кои ги исполниле утврдените услови.

Во однос на Руралниот развој, продолжуваме со вложување во инфраструктурата на македонското село.

Зголемување на стандардите на живеење и урбанизацијата на македонското село е еден од клучните приоритети во инвестициските политики за поддршка. Голем дел од македонските села се уште имаат потреба од обезбедување на основната инфраструктура за урбано живење. Затоа, реализираме проекти кои се насочени кон уредување на комуналната и друга инфраструктура за подобрување на животот на луѓето и изгледот на руралните места, како што се: селските улици и патишта, водовод, канализација и пречистителни станици, уредување на мали плоштади, пешачки патеки и други јавни површини во населените места, поврзување со туристичките локалитети, итн. Годинава се реализираат 134 проекти во вкупна вредност од околу 900 милиони денари.

До сега целосно се реализирани 14 проекти за изградба на локална патна инфраструктура и инвестиции во водоснабдителни и канализациски системи, 10 проекти за подобрување на квалитетот на живот во рурални средини и 6 проекти за унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја, а реализацијата на останатите проекти е во финална фаза.

Продолжува силната поддршка на модернизацијата на земјоделското производство со покривање на половина од трошоците за набавка на нови трактори, механизација, опрема, набавка на живи животни, подигање насади, инвестиции во системите капка по капка итн. Преку популарните „50-50“, земјоделците плаќаат само половина од износот на инвестицијата. Во септември се потпишаа 612 договори за набавка на опрема за модернизација на земјоделските стопанства во вредност од 140 милиони денари.

Сега преку програмата ИПАРД, се овозможува набавка на: трактори, приклучна механизација за сеење и садење, опрема и механизација за сточарите, за изградба на нови стакленици и пластеници и изградба на нови фарми за свињи и крави (наместо само нивна реконструкција како досега), подигање и набавка на опрема за брзорастечки видови нови дрвја, а се обезбеди и можност за изградба на целосно нови објекти за рурален туризам со зголемен капацитет, како и изградба на домови за стари лица, детски и младински клубови и модернизација за ветеринарни станици.

Исто така, се прошири и опсегот на висината на инвестициите со намалување на долниот праг за кофинансирање на 3 илјади евра за мерката „Инвестиции во земјоделски стопанства“ и мерката „Диверзификација и развој на други економски активности“. Истовремено, за поголемите инвестиции се зголемија максималните вредности.

Во тек е процесот на акредитација за мерката 501 Техничка помош во рамките на програмата ИПАРД.

Модернизацијата на македонското земјоделство продолжува и со средствата од Европската унија. Изготвен е нацрт-документ за Програмата ИПАРД 2 за 2014-2020. Финализирана е јавната расправа за нацрт-документот, а одобрувањето од страна на ЕК се очекува во декември 2014 година.

Вкупната европска помош во земјоделството изнесува 106 милиони евра, а во новата ИПАРД програма се вклучени постојните мерки, но и мерки кои обезбедуваат поволни услови како што е зголемениот процент на ко-финансирање. Земјоделците наместо 50 % во иднина ќе добиваат 60% грант од европските пари.

Во тек на реализација се и повеќе други мерки кои се во интерес на земјоделското производство и тоа:

Покривање на 70% од трошоците за спроведување на редовни агрохемиски анализи за земјиштето и другите услови од добрата земјоделска пракса.

Продолжуваме со 60% кофинансирање на земјоделското осигурување,односно земјоделецот покрива само 40 % од полисата за осигурување.

Се реализираат поголеми субвенции за македонските автохтони раси животни.

Во тек е склучување на договори во вредност од 6,4 милиони денари за инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски производи, наменета за преработувачите.

За мерката „Економско здружување на земјоделски стопанства за заедничко вршење на земјоделска дејност“ во делот на инвестиции за набавка на земјоделска механизација во висина од 90% од вкупната вредност на набавката, во тек е склучување на договори за финансиска поддршка со задруги во вредност од 21 милион денари.

До крајот месецот ке бидат склучени и договорите за инвестициите во подигање на нови овошни и лозови насади, за кои се наменети средства во вредност од 28 милиони денари. Со финансиска поддршка за набавка на добиток, во рамките на истата мерка, во тек е склучување на договори во вкупна вредност од 15 милиони денари и за набавка на пчелни матици во вредност од  500 илјади денари.

Во однос на новововедената можност за набавка на опрема по пат на кофинансирање на системите капка по капка наменети за одгледување на пченка и фуражни култури и бунари, ќе бидат склучени договори во вредност од 5 милиони денари.

Исто така за мерката наменета за поддршка на младите земјоделци кои започнуваат со земјоделска дејност претстои склучување на договори во вредност од 2,2 милиони денари.

Во рамките на Програмата за рурален развој во тек е и реализацијата на првиот договор за финансиска поддршка за изградба и опремување на типизирани продавници за продажба на македонски вина.

Ова се само дел од проектите на кои работиме, а се содржани во новата владина програма. Продолжуваме со реализација на ветеното, со промоцијата и поддршката на земјоделците. Владата на Република Македонија, преку Агенцијата за финансика поддршка во земјоделството и руралниот развој продолжува со посветеност во реализацијата на програмите за земјоделството и руралниот развој во нашата држава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.