Обезбедени 2,16 милиони евра од ИПА за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Косово

Македонските општини Гостивар, Липково и Чаир и косовските Драгаш, Витина и Гнилане ќе спроведуваат проекти преку ИПА програмата за прекугранична соработка на Европската унија, со грантови  во износ од 2,16 милиони евра, пренесе МИА.

– Во претстојните 18 до 24 месеци избраните  проекти ќе се фокусираат на заедничките активности од двете страни на границата на теми од социјално-економска  соработка, животна средина, развој на туризмот, заштита на здравјето и родовата еднаквост, рече на презентацијата на проектите евроамбасадорот Аиво Орав.

Прекуграничната соработка, истакна, претставува клучен елемент на политиките на Европската унија со своите соседи. Активна, посветена и ефективна прекугранична соработка помеѓу земјите вклучени во процесот на проширување, земјите членки на ЕУ и останатите партнери  во рамки на Западен Балкан игра клучна улога во процесот за интегрирање во унијата,  наведе Орав.

Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани  укажа дека целта на втората компонента на инструмент за прекуграничната соработка помеѓу националните структури на двете држави е да се зголеми соработката   преку обезбедување  стабилност со помош на регионален развој на  граничните области и  рурален развој.

– Македонија досега успеа оваа соработка да ја воспостави со 4 соседни држави. Со помош на овој инструмент како Министерството за локална самоуправа имаме среќа да ги собереме сите искуства ЕУ и да ги размениме со соседните држави со кои сме на ист пат за интеграција во ЕУ, наведе Шабани.

Според државниот секретар во Министерството за економија на Косово Беким Османи, проектите за прекугранична соработка ќе ја максимализираат соработката помеѓу двете држави. Разликите, потенцира, треба да ги гледаме како богатство, а не како поделба и треба да ги искористиме за доброто на граѓаните  од двете страни на границата.

– Живееме во многу богат регион и треба да ги споделиме предизвиците и целите на прекуграничната соработка, а на жителите кои живеат во тие региони и невладините организации и општините во овие зони да им помогнеме  да имаат што  е можно поголем успех и да имаат добар живот, рече  Османи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.