Македонија

Обезбедени средства за санација на акумулацијата „Младост“

Обезбедени средства за санација на акумулацијата  „Младост“

Од март 2012 година на ЈПВ Лисиче му е издадена дозвола за стопанисување со акумулацијата Младост и браната со придружните објекти.

„Веднаш по доделување под наша надлежност е утврдено дека поради негрижата во изминатите 30-тина години испусните вентили за темелно празнење на езерото се во лоша состојба и претставуваат потенцијална опасност при одредени неповолни околности. За таа цел ЈПВ Лисиче ја обезбеди целокупната проектна документација потребна за решавање на овој проблем и со помош од Владата преку Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство се обезбедени 3.100.000 денари за санација и промена на испусните вентили на браната со што се решава еден крупен проблем а акумулацијата и понатаму ќе ги задоволува вкупните потреби за наводнување на моментално околу 250 хектари лозови насади и ќе претставува безбедно место за одмор и рекреација на граѓаните“, истакна Бобан Пановски директор на ЈВП Лисиче, пренесе Курир.

Браната Младост е изградена во 1962 година северно од Велес во почетокот на клисурниот дел на коритото на река Отовица, на неколку стотини метри пред таа да се влее во река Вардар. Зафатнината на акумулацијата Младост е 8.000.000 метри кубни и нејзината намена е да служи за наводнување на околу 1.200 хектари лозови и овошни насади.

Близината до Велес од само неколку километри, ја прави акумулацијата Младост интересна и од спортско рекреативен аспект.