Обид за криумчарење на 33.000 франци на скопскиот аеродром

Задржани девизи, лекови, зеленчук, ловечка муниција, рачни часовници, бижутерија и женски чанти открија царинските службеници во текот на минатата недела и викендот. При обидите за криумчарење откриени се 33.000 швајцарски франци на скопскиот аеродром Александар Велики. Парите се пронајдени при личен претрес на македонски државјанин кој допатувал со лет од Цирих и се определил за зелен канал, каде што поминуваат патници кои немаат што да пријават за царинска контрола. Во внатрешен џеб од палтото на патникот  пронајдени се 45.000 швајцарски франци, од кои, согласно Законот за девизно работење, 12.000 франци (противвредност на 10.000 евра) му се вратени.

4.600 швајцарски франци, откриени се на граничниот премин Блаце, при личен претрес на македонски државјанин, патник во патничко возило со швајцарски регистарски таблички, пријавено за излез од државата.

1.620 таблети Декорт царинските службеници откриле на граничниот премин Богородица, при контрола на патна торба, сопственост на македонска државјанка,  која како патничка во автобус што сообраќал на релација Турција-Македонија, се пријави за влез во државата. Патничката не поседувала никаква медицинска документација или дозвола издадена од Бирото за лекови, што е потребно за внесување на лекови во Република Македонија.

На царинската испостава во Гевгелија, откриени се 1.710 килограми при детален преглед на товарно возило со македонски регистарски таблички, натоварено со зеленчук, пријавен за увозно царинење за фирма увозник од Скопје. Увозникот не ја опфатил целата стока со приложената увозна декларација, со што се обиде да избегне плаќање увозни давачки во износ од околу 24 илјади денари.

628 модни додатоци (бижутерија, приврзоци за клучеви и рачни часовници), исто така се откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Блаце, при контрола на две патнички возила пријавени за влез во државата. А, рачни часовници и женски чанти се заплемети и во два одвоени случаи на скопскиот аеродром Александар Велики.