Обид за силување тинејџерка по претходни закани по СМС

Четириесетгодишен жител на Пробиштип е осомничен дека во неделата утрото се обидел да ја силува 18-годишна девојка од Штип, инфромираше во понеделникот министерството за внатрешни работи.

Од полицијата информираат дека мажот идентификуван со иницијалите Д.Н. преку СМС пораки ѝ се заканувал на тинејџерката К.Д. дека, доколку не дојде кај него, ќе оди кај нејзините родители и ќе и направи сериозни проблеми.

Потоа, девојката заминала кај него и пробиштипјанецот се обидел со сила да ја натера да имаат сексуален однос. Тој и ја удрил главата во ѕид нанесувајќи ѝ неколку удари со тупаници во пределот на главата и телото, но девојката успеала да побегне.

Од страна на лекар бил извршен преглед над К.Д., констатирани и се телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Штип. Д.Н. бил приведен и задржан во СВР Штип за понатамошна постапка, информираат од МВР.

По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „силување во обид“, казниво по член 186 во врска со член 19 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.