Обилни снежни врнежи го затворија патот кон Каврак, свлечиште го прекина сообраќајот до ХС Злетовица

Поради обилни врнежи од снег непрооден за сообраќај е локалниот пат од Кратово до село Каврак, а поради ново свлечиште во прекин е сообраќајот на патот кој води до хидросистемот Злетовица во атарот на село Којково во непосредна близина на тунелот, пренесе МИА.

Се уште во тек е забраната за движење на тешки товарни возила на патниот правец Тетово-попова Шапка поради остатоци од снег и забраната за движење на тешки товарни возила на патниот правец Македонски Брод – Прилеп поради оштетување на дел од мостот на Сланска Река.

На патниот правец Р1205 Крупиште-Пробиштип кај месноста село Неокази, поради појава на вдлабнатина и попуштање на левата коловозна лента, гледано во правец кон Пробиштип-Крупиште, сообраќајот се одвива наизменично, само по десната коловозна лента.

Сообраќајот на сите државни патишта се одвива без забрани, по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинските превои Буково и Ѓавато.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде е можна почеста појава на одрони