Објавен конкурсот за шестата по ред Школа за млади лидери на претседателот Иванов

Објавен е конкурсот за шестата по ред Меѓународна обука за млади лидери, што под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ќе се одржи од 16 до 28 август во Охрид.

Програмата е наменета за млади луѓе со завршено високо образование кои имаат желба преку нивните лидерски вештини да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Како што се наведува во објавениот конкурс, програмата на школата опфаќа предавања и практични вежби за лидерство со еминентни предавачи од земјата и странство.

На конкурсот, што е отворен до 15 јуни, може да учествуваат млади од Република Македонија и деца на иселеници што живеат во странство. Со условите на конкурсот, предвидено е апликантите да имаат одлично познавање на англискиот јазик, да имаат висок просек (еднаков или поголем од 8,5) на додипломските студии, а работното искуство од една до пет години ќе се смета за предност. Апликацијата, што треба да се достави до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, треба да содржи кратка биографија, мотивациско писмо, копија од уверение за положени испити, потврда за одлично познавање на англискиот јазик и две препораки.

Школата за млади лидери за прв пат беше организирана кон крајот на август 2010 година во Охрид. Во изминатите пет години на неа учествуваа околу 200 млади луѓе со различен академски и професионален фокус. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.