Објавен оглас за издавање на автобуската станица во Скопје

Град Скопје објави меѓународен јавен оглас за давање под закуп на Автобуската станица–Скопје, што е сместена под Железничката станица. Давањето под закуп на Автобуската станица ќе се изврши по пат на усно јавно наддавање што ќе се одржи во просториите на Град Скопје на 30. март оваа година во 10 часот, во бараката број 13.

Според условите на јавниот повик, основен критериум за избор ќе биде највисоката понудена закупнина, при што почетната цена за закуп не може да биде помала од 170 милиони денари, без вклучен ДДВ.

Автобуската станица – Скопје ќе се даде под закуп за временски период од 15 години како целосно функционален простор дефиниран со имотните листови.

Краен рок за доставување на документите за утврдување на способноста на учесниците за учество во постапката за усно јавно наддавање е 05.03.2015 година до 14 часот по локално време и се доставуваат преку пошта или директно во архивата на Град Скопје (барака број 16), со седиште на булевар Илинден број 82, Скопје.

Постапката за усно јавно наддавање ќе ја спроведе Комисија.

За потсетување, во оваа, 2015 година, се навршуваат 15 години откако Градот Скопје ја издаде под концесија Автобуската станица – Скопје, па поради истекување на договорот за закуп, се објавува јавен повик за избор на закупувач на автобуската за да се овозможи непречен транспорт на патници.