Објавен оглас за специјализации и супспецијализации на здравствени работници

Министерството за здравство објави нов оглас за специјализација и супспецијализација на здравствени работници со високо образование од областа на медицината за 2015 година, што ќе бидат спроведувани од Медицинскиот факултет во Скопје, пренесува МИА.

До крајот на месецов ќе биде објавен огласот и на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип за каде ќе бидат објавени уште 16 специјализации.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров на која информира за приоритетите на Министерството во професионалното усовршување, односно специјализацијата на медицинскиот кадар која долгорочно го подигнува квалитетот на здравствените услуги,

– Со објавениот оглас се опфатени вкупно 308 специјализации и 75 супспецијализации. Меѓу нив, вкупно 191 специјализација и 56 супспецијализации се наменети за здравствени работници вработени во јавни здравствени установи, додека 117 специјализации се наменети за здравствени работници од приватни здравствени установи или невработени доктори на медицина и 19 супспецијализации за здравствени работници од ПЗУ, истакна Тодоров.

Објавените специјализации во 47 различни медицински специјалности, како што се: гинекологија и акушерство, анестезиологија со интензивно лекување, дигестивна хирургија, детска хирургија, кардиологија и други. Супспецијализациите се во вкупно 15 различни супспецијалности, меѓу кои:  педијатриска анестезија, васкуларна хирургија, гастроентерохепатологија, дигестивна хирургија …

Министерот Тодоров информира дека од година во година се зголемува бројот на обезбедени специјализации. Тој направи споредба кога во периодот од 2004 до 2009 година се доделени вкупно 688 специјализации, а во последните две години се доделени 709 специјализации и 73 супспецијализации.

– Би споменал дека најголем дел од здравствените работници што ќе се запишат на специјализација или супспецијализација на овој оглас, стручно ќе се усовршуваат согласно новиот систем на специјализации воведен со измените на Законот за здравствена заштита од почетокот на оваа година, кој се темели првенствено на германскиот модел како и на искуства од Соединетите Американски Држави, Франција, и други странски држави, нагласи Тодоров.

Новиот систем на специјализации, меѓу останатото овозможува специјализантите во Македонија да имаат пристап и да учат од стручната литература која се користи на универзитетите во Кембриџ, Оксфорд и други реномирани универзитети за да го стекнат тој квалитет и тоа ниво на знаење.

Огласот за кандидати за специјализации и супспецијализации е достапен на веб страната на Медицинскиот факултет, а рокот за пријавување на кандидатите е 30 дена од денот на објавувањето.