Објавен повик за пензионери за проектот бањско-климатска рекреација за 2016 година

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денес присуствуваше на отворањето на 20-те јубилејни Републички пензионерски спортски натпревари кои се под покровителство на Владата.

Тој информираше дека денеска Министерството за труд и социјална политика го објавила јавникот повик за корисниците на пензија за користење на проектот бесплатна бањско-климатска рекреација за 2016 година.

Заклучно со 2015 година, овој проект опфатил 33.000 корисници на пензија, додека за 2016 година, рече Спасов, обезбедени се финансиски средства во износ од 38 милиони денари за покривање на престојот на 5.000 пензионери.

– Приоритет ќе имаат оние кои имаат пониски пензии, посебен приоритет  ќе имаат лицата со инвалидитет, како и пензионираните рудари коишто работеле во подземен ископ, рече Спасов.

Информира дека во наредната година треба да продолжи втората фаза на активностите за значително подобрување на условите за живот на пезнионерите коишто живеат во пензионерски домови, а се со пониски пензии. Како Влада, рече министерот Спасов, овозможиле и поволности за инвеститори од земјата и странство, за изградба и проширување на установи за згрижување на стари лица.penzioneri

Министерот ги поздрави пензионерските спортски натпревари кои се одржуваат во чест на 69 години од пензионерското организирање во Македонија и 24 години од создавањето на независна македонска држава и ги прогласи за отворени.

Претседателот на Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија, Драги Аргировски пред присутните потсети дека на првите пензионерски спортски натправари учествувале околу 40-тина натпреварувачи. Денеска, рече тој, ќе се натпреваруваат околу 400 натпреварувачи и додаде дека е зголемен и бројот на публиката која доаѓа на овие натпревари.

За градоначалникот на општина Бутел Петре Латиновски, чест е што пензионерските спортски натпревари се одржуваат во нивната општина. Тој во ова пригода им посака пријатен престој на пензионерите и им порача дека сите се победници на овие натпревари.

Пензионерите ќе се натпреваруваат во 11 дисциплини на кои ќе учествуваат 397 најдобри натпреварувачи од 41 здружение на пензионери.