Македонија,Економија

Објавен шестиот јавен повик за поддршка на производителите и преработувачите

Објавен шестиот јавен повик за поддршка на производителите и преработувачите

Објавен е шестиот јавен повик за маркетиншка поддршка на земјоделските производи во примарното производство и во преработувачките капацитети. Како што информираa денеска ресорниот заменик министер Зоран Коњановски и директорот на Платежната агенција Тони Димовски, со јавниот повик се предвидени вкупно два милиона евра, а апликантите имаат можност да поднесуваат барања за кофинансирање инвестиции до крајот на месецов, објави МИА.

„Станува збор за набавка на трактори за примарно производство, како и опрема за преработка. Корисници на поддршката се сите физички и правни лица запишани во регистарот на земјоделските стопанства“, рече Димовски.

Ова, додаде, е континуитет на владините мерки за унапредување на земјоделството преку воведување нова опрема и механизација што овозможува поголеми приноси.

Димовски потсети дека е во тек и петтиот оглас за поддршка на извезено флаширано вино, преработен зеленчук извезен во стаклена амбалажа и на извезен ориз во пакување.

„Останавме доследни на своите политики и на ветеното. Преку обезбедените средства за маркетинг на земјоделските производи директно им помагаме на извозно ориентираните преработувачки компании“, изјави заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски кој денеска ја посети Платежната агенција.

Согласно јавниот повик, компаниите што го пласираат виното надвор од Македонија ќе добијат средства за покривање 20 отсто од трошоците за етикети, купување шишиња, тапи и ПВЦ навлаки или максимум шест денари од шише, додека преработувачите на зеленчук и овошје до два денара од тегла, за набавка на тегли, метален капак и етикети.

Коњаносвки посочи дека сите преработувачи кои годинава оствариле поголем извоз од лани ќе користат поголема поддршка, до четири денари за тегла.

Коњановски апелира земјоделците да аплицираат и на јавниот повик за земјоделските задруги кој е во тек и предвидува покривање 90 отсто од трошоците за набавка на трактори, како и 100 процентно покривање на платите на менаџерите на задругите. Се кофинансираат и трошоците за осигурување на родот кај индивидуалните земјоделци организирани во задруги, во висина од 80 проценти.

„Се поголем е интересот за формирање задруги, а објавениот оглас е уште една потврда за поддршката на проивзодителите кои својата иднина ја гледаат здружени во кооперативи. Само неколку месеци по донесувањето на Законот се формирани шест земјоделски задруги“, посочи Коњановски.

 

Наредните десет дена ќе биде објавен и огласот за кофинансирање на платите на лицата вработени во сточарството, т.н. плати за овчарите. Преку Платежната агенција ќе им бидат исплтени средствата на овчарите кои минатата година работеле во оваа дејност.

Одговорајќи на новинарско прашање, Коњановски рече дека во делот на земјоделството не очекува посебна расправа за Буџетот за 2014 кој утре влегува во собраниска процедура, зашто владините политики се јасни, прецизни и однапред утврдени.

„Оваа Влада не работи од денес за утре, туку според повеќегодишни, најавени програми. Преку повеќегодишната програма што заедно ја креиравме со земјоделците, идната година поддршката ќе биде зголемена за уште пет милиони евра и ќе изнесува 140 милиони евра. Ова не го најавивме сега, пред еден месец, за да предизвика дебата, туку уште кога ја баравме поддршката на парламентарните избори“, подвлече заменик министерот.