Спорт

Објавен списокот на фудбалери кои ќе играат против Белорусија и Австралија

Објавен списокот на фудбалери кои ќе играат против Белорусија и Австралија

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Бошко Ѓуровски го објави списокот за квалификацискиот меч со Белорусија и пријателскиот натпревар со Австралија, на кој се најдоа 22 репрезентативци.

На списокот се најдоа младинскиот репрезентативец Енис Барди од Ујпешт, кој забележува одлични партии во последно време, како и Урош Матиќ, инаку брат на Немања Матиќ од Челзи, кој го очекува своето деби во националниот дрес на Македонија.

Матиќ има добиено македонско државјанство, но се чека дозвола од ФИФА, по што и официјално ќе може да настапи во нашиот национален дрес.

За разлика од претходните средби, сега на списокот на Ѓуровски ги нема Адис Јаховиќ, Мирко Ивановски, Ацо Стојков и Даниел Мојсов, додека повратници во националниот дрес се Марио Ѓуровски, Дејан Блажевски, Артим Положани, Даниел Георгиевски.

-Некои играчи не се земени затоа што не бев задоволен од нивната игра, а некои затоа што негативно влијаеа со својот однос на атмосферата во тимот. Посебно за овие вторите ќе нема место во репрезентацијата која секогаш за секого треба да биде светост, изјави селекторот Бошко Ѓуровски.

Квалификациската средба со Белорусија се игра на 27-ми март на арената „Филип Втори“, а три дена подоцна ќе бидеме домаќин на селекцијата на Австралија.

Список на играчи:

ГОЛМАНИ: Томе Пачовски (Вардар), Кристијан Наумовски (Динамо Б., Романија), Мартин Богатинов (Ермис, Кипар).

ОДБРАНА: Ванче Шиков (Австрија В., Австрија); Бојан Марковски (Аја Напа, Кипар), Даниел Георгиевски (Мелбурн, Австралија), Дарко Велковски (Работнички), Кире Ристевски (Тирана, Албанија), Стефан Ристовски (Латина, Италија).

СРЕДЕН РЕД: Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Урош Матиќ (НАЦ Бреда, Холандија), Енис Барди (Ујпешт, Унгарија), Артим Положани (Шкендија) Благоја Тодоровски (Шкендија), Александар Трајковски (Зулте Варегем, Белгија), Марио Ѓуровски (Муантонг, Тајланд), Ферхан Хасани (Брондби, Данска), Марјан Радески (Металург), Агим Ибраими (Марибор, Словенија).

НАПАД: Дејан Блажевски (Вардар), Крсте Велковски (Сараево, БиХ), Бесарт Абдурахими (Локерен, Белгија).