Објавен тендерот за изградба на ски центар на Водно

Договорниот орган АД Електрани на Македонија Скопје преку електронскиот систем обајви тендер за изградба на ски центар Водно, пренесе „Скопје инфо“.

Според тендерот, инвеститорот ќе биде должен да изгради четири ски-патеки на Водно од Крстот кон Нерези со вкупна должина од 3850 метри. Исто така, тој, ќе мора да изгради и три ски-лифта со должина од 1350 метри, два подвижни тепиха кои вкупно ќе бидат долги 160 метри. Во рамки на скијачкиот комплекс се планира и изградба на ресторан од 200 квадратни метри и една административна зграда од 240 квадратни метри во која ќе има ресторан, ски-рента и ски-школа.

Највисоката точка на скијалиштето е на надморска висина од 1050 м каде е завршната станица на жичарата гондола, а најниската точка е на надморска висина од 570 м каде е почетната станица на жичарата гондола.

Досега на Водно се изградени неколку пропратни објекти како што се планинарски дом и идниот ресторан кој е сместен во самото приземје на Милениумскиот крст. Исто така тука се наоѓа и жичарата гондола, чија почетна станица е лоцирана во локалитетот средно Водно и се простира се до врвот на Водно каде што е позиционирана крајната станица или местото за слегување од кабините на гондолата.

Се очекува новиот ски центар да биде вистинска атракција во главниот град, пред се поради неговата близина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.