сабота, 25 март 2017  |  Вести денес: 24

Објавена монографија за Есма Реџепова

esma-monografija-640x294

Поврзани вести

Излезе од печат монографија посветена на познатата музичка ѕвезда Есма Реџепова – Теодосиевска и на нејзиниот животен сопатник и музички соработник Стево Теодосиевски.

Автор на изданието насловено „Есма“ е истакнатиот публицист Славе Катин, воведот е на министерката за култура д-р Елизабета Канческа Милевска, издавачи се „Македонска искра“ и асоцијацијата „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ од Скопје, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Станува збор за сага за блескавата кариера, сублимат на животекот, биографско-публицистички времеплов за 55-те години на сцената на оваа Есма, истакнат уметник, потврден хуманист, донатор, и човекољубец. Монографијата е хронопис и веродостоен приказ за угледната музичка ѕвезда и патриот, возљубеник во својата татковина Република Македонија и нејзиниот животен сопатник, истакнатиот музички уметник Стево Теодосиевски.

Со илјадниците гостувања и концерти, со успешните настапи и мисии, Есма и ансамблот „Теодосиевски“, го пренесоа името на Македонија низ десетици и десетици земји низ сите меридијани на светот, афирмирајќи ја убавата македонска и ромска песна на нивен специфичен начин.

Во обемната биграфска приказна сместена во книгата на 410 страници авторот Славе Катин со многу умешност, знаење, имагинација и со моќта на убавата мисла, композиција и збор, ја овековечува Есмината одисеја, во трезорен, документариум и за времето идно.

Монографијата, чии рецензенти се проф. д- р Васил Тупурковски и проф. д-р Јордан Плевнеш, е вредно, луксузно опремено дело на македонски, англиски и ромски јазик, со неколку прилози и на други јазици. Илустрирана е со десетици фотографии, кои ја доловуваат автентична слика и заокружуваат вистинската животна и уметничка приказна за Есма Реџепова – Теодосиевска.

Книгата се очекува да биде промовирана во Скопје, Кочани, Белград, Брисел, во Америка, Канада и Австралија.

Најчитани вести