Објавена „Симболите на Македонија“ од Јован Јоновски

Во издание на издавачката куќа „Силсонс“ од Скопје излезе од печат монографијата „Симболите на Македонија“ од Јован Јоновски.

На над 400 страници се публикуваат  најзначајните и најкаректиристични симболи на македонскиот народ низ вековите.

Во предговорот кон ова дело од капитално значење за хералдиката, светски познатиот научник и специјалист за оваа проблематика проф.Мишел Попоф вели дека симболите на колективното живеење имаат посебно место, особено кога станува збор за идентификацијата и за идентитетот на една нација. Централно место заземаат државните симболи како средство за идентификација со историјата, културата, вредностите и со надежите на една земја… Сега и Македонија со ова дело се приклучува кон европските народи кои одамна имаат објавено публикации за своите симболи,особено за грбот и знамето.

Со монографскиот зафат „Симболите на Македонија“Јован Јоновски прави сериозен исчекор во истражувањето на историскиот развој на грбовите на Македонија и на најдостоен начин го продолжува пионерскиот зафат на акад. Александар Матковски, остварен во втората половина на минатиот век. Делото е напишано со научно – популарен стил и е поткрепено со илустративен материјал што го прави пристапно и исклучително интересно четиво.

Монографијата е веќе во продажба во книжарниците на „Матица македонска “ од Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.