Свет

Објавена снимка од последните неколку минути од летот на авионот на „Германвингс“

Објавена снимка од последните неколку минути од летот на авионот на „Германвингс“

Германскиот весник „Билд“ денеска објави делови од снимката од една од црните кутии на авионот „Ербас А320“, што укажуваат на тоа дека копилотот самиот се заклучил во кокпитот и намерно го соборил авионот во француските Алпи.

Летот на авионот на германската компанија „Германвингс“ почнал како и секој друг, со вообичената конверзација во кокпитот, каде копилотот Андреас Лубиц со ништо не го покажувал ужасот што на крајот ќе го предизвика, наведуваат француските медиуми.

Снимката почнува така што капетанот Патрик С. им се извинува на патниците заради 26-минутното оддложување на полетувањето, додавајќи дека во текот на летот од Барселона до Дизелдорф ќе се обиде да го надомести времето, пишува „Билд“.

Според наводите што ги објави германскиот весник, капетанот вели дека немал време да отиде до тоалет пред напуштање на Барселона, градот од кој полетеле околу 10 часот по локално време, и Лубиц кој се нуди да ги преземе командите во било кој момент. Во 10 часот и 27 минути авионот ја достигнал неопходната височина од 11.600 метри, кога капетанот бара од Лубиц да ги почне подготовките за спуштање.

Според „Билд“, копилотот се слуша како меѓу другото одговара „се надевам“ и „ќе видиме“.

По проверката за слетување тој му вели на пилотот дека сега може да оди.

Две минути минуваат кога пилотот му кажува на Лубиц: „Ти можеш да преземеш“.

Следно што се слуша е звукот за поместување на седиштето и затворање на вратата, а во 10 часот и 29 минути авионот почнува со спуштањето.

Според француското обвинителство, бидејќи останал сам во кабината, Лубиц го вклучува копчето со кое почнува спуштањето на авионот.

-Ова можело да биде направено само со намера. Не е можно копчето да се вклучи по грешка, изјави обвинителот Брис Робин на прес конференцијата во четвртокот.

Авионот, според соопштението на „Германвингс“ брзо понирал осум минути.

Во 10 часот и 32 минути, контролорите на летот се обиделе да воспостават контакт со авионот, но не добиле одговор, а автоматскиот аларм се вклучил речиси во истото време, наведува „Билд“ и додава дека набрзо потоа се слушнал силен удар, како и дека некој се обидува да ја отвори вратата и да влезе во коптитот.

На снимката се слуша  гласот на капетанот како вели : „За име божје, отварај ја вратата!“ и во заднината се слушаат првите повици на патниците.

Во 10 часот и 35 минути се слушаат „силни удари врз металната врата на кокпитот“ и уште еден аларм 90 секунди подоцна.

На 5.000 метри височина се слуша пилотот како вика: „Отварај на проклетата врата!“.

Во 10 часот и 38 минута, пишува „Билд“, во кокпитот се слуша само звукот од дишењето на Лубиц, додека тој самиот ништо не зборува.

Околу 10 часот и 40 минути авионот удира во планината и се слушаат крикците на патниците, што се и последни звуци на снимката, наведува германскиот весник