Објавени добитниците на наградата „13 Ноември“ за 2016

Одборот за доделување на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, по спроведеното тајно гласање, денеска ги соопшти добитниците за 2016 година.

Во областа на науката добитници се универзитетскиот професор Михаил Гаревски и Аслан Хамили, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“- Скопје.

Професорот во пензија Томислав Димишковски е награден во областа на образованието и воспитанието, а од областа на културата писателот за деца и млади Александар Кујунџиски.

Во областа на уметноста наградени се актерката во пензија Мушереф Лозана Прекиќ,  за посебен придонес во популаризацијата на театарската уметност во Град Скопје и хорскиот диригент Летка Полизова Димовска, за 40-годишна професорска работа како диригент на женскиот камерен хор „Св.Злата Мегленска“.

Архитектот Вангел Божиновски е награден во областа на публицистиката и архитектурата.

Во областа на хуманитарнатата активност наградени се студентката Алмина Алиловиќ за покажана хуманост и спасување човечки живот, Ева Карамановска, ученичка во ООУ „Рајко Жинзифов“ за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и средношколецот Марко Наумовски од СУГС„Д-р Панче Караѓозов“.

Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Град Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштита и унапредувањето на животната средина и природата.

Оваа награда може да се додели и на физички и правни лица од други држави, кои оствариле посебен придонес за Град Скопје. Наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредок и афирмација на Град Скопје.

Наградите на добитниците ќе им ги врачи градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски на Денот на ослободувањето на Скопје-13 Ноември.