Објавени прелиминарните резултати за француските парламентарни избори

© AFP 2017 / Fred Tanneau

Неодамна формираното од новиот француски претседател Емануел Макрон движење Републиката напред или La Republique en Marche – REM, води на изборите за Националното собрание, долниот дом на парламентот на Франција, покажуваат прелиминарните податоци на министерството за внатрешни работи задолжено за спроведување на изборите.

Според првичните податоци, REM е во водство со 26,6 отсто од гласовите, додека најголемата опозициска партија конзервативците Републиканци освојува 16,4 отсто, а крајно десната партија Народен фронт на Марин Лепен добива 14,4 отсто до гласовите. Следуваат крајната левица Непокорна Франција на Жан-Лук Меланшон со 10,2 отсто, а досега владејачката Социјалистичка партија на досегашниот претседател Франсоа Оланд освоила 7,3 отсто од гласовите.

Меѓутоа, ваквите резултати само воопштено ја одразуваат целата слика, бидејќи изборите за Националното собрание се спроведуваат според мнозинскиот систем, кандидатите се избираат во изборните единци кои даваат по еден победник. Онаму каде што нема да се добие јасен победник во првиот круг, една седмица подоцна ќе се одржи вториот круг за кој е доволно просто мнозинство од гласовите.

Според излезната анкета на институтот Elabe, објавена веднаш по затворањето на гласачките места, REМ во првиот круг освојува 32,6 отсто од гласовите, а зад нив се Републиканци со 20,9 отсто, а Националниот фронт освојува 13,1 отсто од гласовите.