Облачно со северен ветер и температура до 16 степени

Најмногу дожд во текот на ноќта наврнал во Крушево до 35 литри на метар квадратен, а воопшто не врнело во Штип, Тетово и Виница. Во Маврово наврнале 14 л/м2, во Претор 13, во Прилеп 11, во Гевгелија 10, во Битола и Демир Капија 9, Дојран, Лазарополе и Тополчани 6, Куманово, Пожаране и Охрид 3, Скопје, Ѓуриште, Крива Паланка и Дебар 2 и во Берово и Струмица еден литар на метар квадратен.

Минималните температури утринава во сите градови се над нулата, но најстудено било во Лазарополе, Берово и Крушево 2 степена, а најтопло во јужните делови, односно во Гевгелија, Дојран и Демир Капија каде се измерени 9 степени.

Во текот на денот времето ќе биде облачно со слаб дожд во југоисточните делови. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Највисоката температура на воздухот ќе се движи во интервалот од 11 до 16 степени.

Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со кратки сончеви периоди и со умерен до засилен северен ветер. Температурата ќе достигне до 13-тиот степен.

Во следните два дена слично време со умерен до засилен ветер од северен правец. Утре на повеќе места ќе има врнежи од дожд, локално и со умерен интензитет. За време на викендот ќе има повеќе сончеви периоди и умерен, а во сабота засилен северен ветер.