Обложувалниците тријат раце, половина Македонија игра спортска

Светското првенство е пред конечна разврска. Елиминациските рунди ги филтрираат репрезентациите на патот до легендарната Маракана. Повеќе нема резултатско тактизирање, победата е императив во секој натпревар. Мундијалот ја разгоре страста за фудбал, но и за обложување. Бројот на играчи, во овој период од годината, е драстично зголемен, анализира Лидер.

На почетокот од Светското првенство играв со неколку ливчиња. Прогнозирав кои репрезентации ќе излезат од групите како победници, колку картони ќе бидат покажани, кои ќе бидат најдобрите стрелци, а типував и на резултати. Нешто фатив. Сега играм сингл, со повисоки уплати прогнозирам кој ќе биде победник на еден единствен натпревар“ – ни кажа Драги С. од скопски Аеродром.

„Не играм за многу пари, а веќе имав и добитно ливче. Имаше изненадувања, но сепак, мислам дека Германија ќе го освои турнирот“ – додава Дејан.

Љубителите на спортското обложување не ги сакаат изненадувањата, но во нив се „крстат“ приредувачите на игрите на среќа. Од Асоцијацијата на спортски обложувалници велат дека нивните членки бележат зголемен промет.

„Бројот на играчи е зголемен, споредено со лани, кога немаше Светско првенство. Нормално, и заработката на обложувалниците е повисока. Обложувалниците нудат широк спектар на игри, како и обложување во живо, па играчите можат да се обложуваат на сè што ќе се случи во тие 90 минути, да типуваат на корнери, картони, голови и слично“ – вели претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ), Филип Филиповски.

Сепак, ако се направи споредба меѓу бројот на тикети, уплатени за време на Светското првенство, односно во јуни, со она што се случува во март, април и мај, кога во својот зенит се најјаките национални фудбалски лиги, натпреварите од Лигата на шампиони и УЕФА, тогаш може да се изведе заклучок дека Светското ја спасува летната сезона. Па така, споредено со март или април, сега има двојно помалку уплати, но споредено со истиот период лани, кога немаше Светско, уплатите се далеку побројни.

„Обложувалниците очекуваат поголема заработка, но сепак, не драстично поголема, споредено од периодот кога се играат првенствените натпревари, кога има Лига на шампиони и УЕФА Европската лига. Заработката сега е поголема, споредено со лани, кога немаше Светско првенство, и тоа е очекувано“ – објаснува Филиповски.

извор: Лидер