Обновен Детскиот креативен центар

Детски креативен центар при Младинскиот културен центар, денеска ќе биде отворен како производ на проектот на УСАИД, „Со читање до лидерство“.

ДКЦ е прв специјализиран центар во Македонија кој нуди јазични и математички ресурси и активности во кои учениците ќе може да се вклучат со своите родители и наставници.

– Просторот во ДКЦ се надополнува со нови активности, па тука наставниците ќе добијат можност да ги прикажат позитивните примери од својата наставна практика. Учениците од почетните одделенија од сите региони во државата, со македонски и албански наставен јазик, се повикуваат да ги користат многубројните материјали кои ги нуди центарот, библиотеката со детска литература, математичките игри и активности, интерактивните смарт табли и компјутери, соопшти УСАИД, кој со настанот ќе го одбележи Меѓународниот ден на писменоста.

Овој проект се спроведува од страна на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ – Македонија,  соработува со Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар и со други образовни институции.

Тој има за цел да ја подобри раната јазична и математичка писменост.

На отворањето на обновениот Детски креативен центар во МКЦ се најавени обраќања на директорите на Мисијата на УСАИД во Македонија  Џејмс Стајн, на Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ и на Младинскиот културен центар.