Обновени три објекти во Охрид

Во рамките на проектот за зачувување на фасадите на објекти од старата градска архитектура, со поддршка од Министерството за култура целосно е реализиран проектот за конзервација и реставрација на 3 фасади на објекти на улица „7 Ноември“ во Охрид, во близина на стариот Чинар.

Поради стилските карактеристики и местоположбата на објектите, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид извршија конзервација и реставрација на фасадите со што е зачувана автентичноста на овие објекти кои се значаен дел од архитектонското културно наследство на Охрид.

Ohrid

Куќите се изградени во 1912 година од непознати мајсторски тајфи, по урнек на градската гимназија која се градела во истиот период.

Староградската архитектура во Република Македонија претставува културно наследство од особено значење. Зачуваните примери потекнуваат од крајот на XIX и почетокот на XX век, кои групирани како споменични целини, го доловуваат амбиентот на старите градски јадра. Разновидноста на архитектонските целини сведочи за различните влијанија, варијации и стилови во надворешниот изглед на објектите за времето во кое се создавани.

Токму затоа, Министерството за култура во 2012 година ја започна реализацијата на проектот за санација и реставрација на фасади од староградската амбиентална архитектура, во чии рамки досега се завршени вкупно 16 објекти, и тоа: 15 посебни објекти во Крушево, Скопје, Битола, Охрид, Кичево, Гевгелија, Гостивар и Прилеп и еден комплекс од 5 дуќани во Кратово.