Обновливите извори на енергија можност за младите

Подигнување на свеста кај младите за енергетската состојба на земјите од Западен Балкан, нивно насочување за искористување на обновливите извори на енергија и вработување во секторот чиста енергија е целта на денешната работилница „Можности за младите во време на климатски промени и енергетска транзиција“ што се одржа во Скопје во организација на Фондацијата Конрад Аденауер, младинската еколошка организација Гоу Грин и Амбасадата на Франција, пренесува МИА.

Александар Трпковски од НВО Гоу Грин смета дека едно од решенијата за намалување на последиците од климатските промени е преминување од употреба на фосилни горива во обновливи извори на енергија. Тоа, според него, ќе предизвика големи промени во економскиот свет и движење на економијата, што ќе предизвика губење на многу работни места.

– Од друга страна ќе се направи голем потенцијал за отварање нови работни места. Ние се обидуваме да им покажеме на младите како тие можат да се вработат во овој сектор. Како младите да бидат креативни и како можат да ги искористат сите прилики што им ги овозможува секторот за чиста енергија, рече Трпковски.

Тој смета дека со мала доквалификација и креативност младите може да се насочат кон чиста енергија.

– За климатските промени и транзиција кон обновливи извори на енергија ни се потребни инженери, технолози, но и економисти, правници и менаџери кои со доквалификација за овој сектор можат да си го обезбедат работното место во економијата и да допринесат на општеството. Ќе ги мотивираме да гледаат креативно како може да си го креираат работното место нагласи Трпковски.

Амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер смета дека треба да ја промениме свеста за нашето однесување кон енергијата бидејќи состојбата станува загрижувачка.

– Треба да се свртиме кон новите извори на енергија, како што е соларната, но и кон штедење на енергијата посебно во транспортот. Сите земји од Европа треба да ја одиграат својата улога, однсоно да се пренасочат од фосилна енергија кон соларната и биомасата за кои Македонија ги поседува сите предности, истакна Оер.

Во Македонија, забележа дека постои подем во зелените вработувања, каде младите го наоѓаат своето место освен во полето на животната средина и кај дигиталната технологија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.