Македонија

Обоен дожд денеска ќе ја зафати Македонија

Обоен дожд денеска ќе ја зафати Македонија

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд, од попладне врнежи ќе има на повеќе места, а пообилни ќе бидат во вечерните и ноќните часови.

Во јужните делови врнежите повремено ќе бидат поројни и проследени со ретки грмежи. Можна е и локална појава на обоен дожд, поради присуство на песок и прашина, кои деновиве се транспортираат од Африка. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

Температурата ќе се движи од 10 до 17 степени Целзиусови, соопштија од УХМР.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд, кои повремено ќе бидат со умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 15 степени.

Поради условите за нестабилност утре врнежите на повеќе места ќе имаат пороен карактер и ќе бидат проследени со грмежи. До сабота вкупната количина на наврнат воден талог на места се очекува да надмине 30 л/м2, особено во западните и југоисточните делови. Ќе дува умерен, повремено и засилен југоисточен, а во сабота северен ветер.

Врнежи од снег ќе има само на највисоките планински врвови, а во сабота на надморска висина над 1500 метри.

Во сабота дневните температури ќе бидат најниски и ќе се движат од 7 до 13 степени, а од недела ќе има постепено стабилизирање на времето со пораст на дневните температури.