Обраќање на МНР Попоски на Конференција во МНР

МНР Никола Попоски, имаше воведно обраќање на конференцијата: „Конфликтот на Блискиот Исток и Северна Африка: зголемување на транснационалните закани за безбедноста на земјите од Западен Балкан”.

Конференцијата е во организација на Институт за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи, во соработка со  Европскиот центар за безбедносни студии George C. Marshall. Свои пригодни обраќања имаа и амбасадорите на САД, Џес Бејли и СР Германија, Кристина Алтхаузер и Директорот на ИГНИП, Амбасадор Абдулкадар Мемеди.

Министерот Попоски се осврна на политичко – безбедносната ситуација во регионот на Блискиот Исток и Северна Африка – МЕНА, актуелните конфликти и транснационалните закани и влијанија кои произлегуваат од овие конфликти по националната безбедност на Република Македонија и земјите од Западен Балкан.

IMG_6869-2000

Важни се два аспекти. Првиот, како оваа дестабилизација во Блискиот Исток влијаеше директно врз Република Македонија и земјите од регионот и вториот,  како ние влијаевме на истата, кои се нашите очекувања. На еден брутален начин, за кратко време сфативме колку сме блиску до Блискиот Исток, не може толку високо ниво на конфликтност блиску до една мала географска одредница да не се почувствува. Транзитирањето на над милион бегалци низ Република Македонија како транзитна станица на еден масовен и неорганизиран начин е директен ефект од конфликтите на Блискиот Исток врз нашата држава. Република Македонија имаше пред себе две опции. Првата, да биде обичен набљудувач и да постави табли колку километри се оддалечени западно – европските земји, која претставува лесна и евтина опција или втората, ризична, потешка и поскапа опција, да биде дел од заедничкиот европски одговор. Европа не би била Европа без хумана димензија. Ние се одлучивме за втората, поскапа и потешка опција, заедно со нашите партнери и соседи да бидеме дел од едно европско решение. Во секоја мака има и можности! Една од тие можности е поголемата соработка со нашите соседи. Никогаш не сме имале поголема соработка со грчките власти како сега околу мигрантската криза. Интерес на сите нас е решение во европски рамки.  Друга можност е наше докажување колку сме значаен партнер во однос на европската интеграција. Сами неможеме ниту ние да имаме решение за мигрантска криза ниту Европа без нас ќе има подобро решение, посочи МНР Попоски.

Учесниците се осврнаа на теми и прашања во врска со конфликтите на Блискиот Исток и во Северна Африка и на зголемувањето на транснационалните закани за безбедноста на земјите од Западен Балкан, како радикализација на младите, можноста за инфилтрација на припадници на терористички организации низ бегалските рути, како и зголемениот број повратници од кризните региони, што претставува вистински предизвик и растечка закана за националната безбедност на државите.