Обреновац поплавен 80 отсто, граѓаните се евакуираат

Центарот на Обреновац од синоќа е целосно поплавен, а водата и понатаму надоаѓа. Има и индиции дека во тој дел од градот исчезнала една постара личност. Стигнати се седум екипи на итна помош и од утрово нема струја.

Премиерот Александар Вучиќ, упатил апел до граѓаните на Обреновац да не остануваат на покривите и да ги слушаат спасителите.

„Би сакал да ги замолам граѓаните, критично е за нивните животи… Ги молам да не стојат на покривите и да не ја одбиваат помошта во евакуацијата. Ги молам луѓето да не не’ присилуваат да употребуваме сила, бидејќи само сакаме да ги спасиме. И луѓето од специјалните единици, Жандармеријата, сите се таму за да ги спасиме и јас ќе бидам рамо до рамо со нив за два-три часа”, порачал Вучиќ телефонски на утринскиот дневник на РТС.

Началникот на полициската управа на Белград, Веселин Милиќ, кажал дека Ореновац во овој момент е најзагрозена точка во Србија и апелирал до граѓаните да ги слушаат надлежните при евакуацијата.

Водата целосно го поплавила градот, а висината на водостојот се мери во метри.

Загрозените граѓани се евакуираат со хеликоптер, камиони, багери и чамци.

Белград се подготвува за евакуација доколку дојде до неа, и во таа смисла подготвени се сите служби, автобуси, места каде што евентуално би се сместиле лицата, дежурни здраствени установи…